Децата кои од најмала возраст живеат со домашни миленици имаат повисоко ниво на добри бактерии во организмот, значајни во борбата против алергиите и дебелината, открива најновото истражување на Универзитетот Алберта во Канада.

Ова е забележано во истражувањето во кое учествувале бебиња што живеат со домашни миленици, пред се со кучиња (70%). Студијата е објавена во најновото издание на списанието „Микробиоми“ чии автори сметаат дека ова откритие се должи на промената на добрите бактерии во органите за варење кои помагаат за подобрување на имунолошкиот систем кај децата.

„Не постои конкретен временски период кога цревниот имунитет и микробите се развиваат заедно, а кога нарушувањето на овој процес создава промени во цревната микрофлора“, вели детскиот педијатар Анита Козирски.

Најновото откритие на Козирски и нејзиниот тим се темели врз анализи на изметот кај децата кои учествувале во истражување на канадските научници пред две децении, а кое покажало дека кај децата кои растеле со кучиња има пониска стапка на заболување од астма.

Теоријата вели дека раната изложеност на нечистотија и бактерии кои се присутни, на пример во влакната или шепите на кучињата, влијае на зголемување на имунитетот. Но, истражувачите не биле сигурни дали дали на овој ефект влијаат директно бактериите од кучињата или тоа зависи од нивниот пренос кај луѓето што биле во контакт со животните.

Поради тоа, истражувачите ја прошириле анализата за изложеноста на домашни миленици уште од периодот кога бебето е во утробата на мајката, па се до три месеци по неговото раѓање. Тие кај бебињата го мереле присуството на бактериите „руминококус“ и „осцилоспира“ кои се поврзани со ризикот за развивање на алергии и дебелина кај децата.

Научниците откриле дека присуството на овие две бактерии двојно се зголемува кога децата живеат со миленик во домот, што индиректно влијае на цревната микрофлора како за време на бременоста, така и во првите месеци од животот на бебето.

Козирски вели дека заштитата може да се постигне дури и кога кучето е во домот во време на самото породување. Авторката, сепак, признава дека се потребни потемелни истражувања за да се потврди ова сознание. Таа вели дека не е исклучена можноста во иднина фармацевтската индустрија да го воведе концептот „куче во капсула“ како превентивна мерка за алергии, слично на дејството што го имаат пробиотиците.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/04/2024 07:11