Тренерот на МЗТ Скопје Аеродром, Васко Атанасов, побара неговите избраници да не ги фаќа еуфорија по синоќешната убедлива победа над Широки (85:69) во првиот четвртфинален плејоф меч од регионалната кошаркарска АБА 2 лига.
- Задоволен сум од играта, особено во второто полувреме во кое дојдовме до посакуваната разлика дури и без Ејасу Ворку (играше само четири минути) и Бојан Крстевски, кои беа повредени. Ништо од ова немаше да се случи без фанатичната поддршка од трибините, на што им се заблагодарувам на нашите навивачи. Предноста веќе ништо не ни значи, бидејќи за реваншот ќе се подготвуваме како да почнуваме од 0:0. Верувам во своите момци и мислам дека можеме да продолжиме во ваков ритам, секако со претходно одработување на задачата во македонското првенство, изјави Атанасов.
Македонскиот шампион пред реваншот против Широки ќе мора да ги одмери силите со Гостивар в сабота на домашен терен во вториот дуел од четвртфиналето од плејофот во Македонија, во кој води со 1:0 во серијата прв до три победи.
Средбата во Широки Брег е закажана за 17 април.