Многу европски медиуми објавија дека Рубен Аморим постигнал вербален договор со Ливерпул и дека следната сезона ќе го наследи Јирген Клоп на клупата на „црвените“. Сепак, според португалскиот тренер, тоа не е случај.

Германецот на крајот од сезоната сигурно ќе го напушти Ливерпул, а раководството на клубот од „Енфилд“ бара негова замена.

Откако Чаби Алонсо објави дека останува во Баер од Леверкузен, англискиот клуб го насочи вниманието кон Аморим. Затоа главниот тренер на Спортинг реши да стави крај на сите гласини околу неговиот трансфер во Ливерпул.

-Престанете со овие приказни, сакам да ставам крај на се што е објавено. Ова е последен пат да зборувам за иднината. Немало интервју или договор со Ливерпул. Единственото нешто што сите сакаме е да бидеме шампиони и ништо нема да се промени, рече Аморим.

Португалскиот стратег не сака да се оттргне фокусот од сезоната што ја има со Спортинг. Затоа сакаше да се огради од сите медиумски пишувања претходните денови.

-Ќе повторам, јас сум тренер на Спортинг. Немаше интервјуа со ниту еден клуб, ниту договори. Тоа не е точно. Фокусиран сум, како и секогаш, на мојот клуб. Немам што друго да кажам, заврши Аморим



Автор: Администратор
Објавено на: 11/04/2024 17:56