Тренерот на Барселона, Чави Ернандез денеска повтори дека не се предомислил за заминување на крајот од сезоната.
Од крајот на јануари, кога објави дека заминува, медиумите упорно инсистираат дека Чави ќе ја промени одлуката, но засега ништо од тоа не се случи.
-Апсолутно ништо не е сменето. Се уште стојам на мојата одлука да си заминам на крајот од сезоната. Таа моја одлука позитивно влијаеше на играчите да знаат дека никој не е тука „засекогаш" и дека секој може да си замине. Сега одиме натпревар по натпревар. Размислуваме за Кадиз и сакаме да победиме, во спротивно ќе се збогуваме со Ла Лига, изјави Чави.
Се очекува тој да одмори неколку клучни играчи пред реваншот со Пари Сен Жермен и го најави дебито на одличниот стопер од Б тимот.
-Илкај Гундоган заслужи одмор, затоа што играше премногу оваа сезона, а веќе не е тинејџер. Мика Фаје ќе дебитира. Ќе видиме кој како се чувствува и дали има мали повреди, но ќе има промени. Тоа не значи дека нема да одиме на победа, напротив, мора да победиме, истакна Чави.
Барса гостува во Кадиз во сабота во 21 часот, а потоа во вторник во истиот термин го пречекува ПСЖ.