Крушево е подготвено и е во исчекување на големата летна сезона со гости, параглајдеристи и туристи. Ќе има шест меѓународни првенства, а за првпат и германско национално параглајдерско првенство, што пак, ќе ги отворат вратите за уште поголем број посетители.

Всушност, сезоната е започната, зашто на сите вљубеници во адреналинскиот спорт од Европа условите токму сега им одговараат за летање во Крушево. Се обновува полетувалиштето на Мечкин Камен, се говори и за второ што ќе ја збогати туристичката понуда. Во Крушево се очекуваат околу 3 000 спортисти од Европа и од цел свет и уште неколку илјади туристи.

-Веќе има во Крушево странски туристи кои доаѓаат токму поради параглајдингот. За среќа во април е убаво времето, па е многу атрактивно да се дојде тука и да се лета. Истовремено, се одвиваат големи зафати околу полетувалиштето. Обновени се клупите и месноста на Мечкин камен за брифинг, зголемен е капацитетот. Истовремено се асфалтира и новиот пат, има нов паркинг, така што, сѐ се подготвува за новата сезона. Гостите за параглајдинг-туризам и за школи за параглајдерство доаѓаат отсекаде, од цела Европа. Ова лето ќе имаме зголемен број меѓународни натпревари, со 6 интернационални натпревари, од кои 3 се национални првенства на други држави. Годинава за првпат се одржува германското првенство и е едно од најголемите натпреварувања во Европа и во светот, зашто Германија е меѓу водечките земји со преку 100 000 параглајдеристи и очекуваме, по тој натпревар, да се зголеми бројот на туристите и во наредните години што доаѓаат и од Германија. Второто полетувалиште се надеваме ќе биде готово до крајот на летото за истовремено да има спортски натпреварувања и слободни летања, вели Мартин Јованоски, параглајдерист од параглајдерскиот клуб „Делта“.

И угостителите се подготвени, но велат и годинава ќе мора да се снаоѓаат зашто има недостиг од персонал кој заминува на работа во странство, претежно Хрватска. Тоа мора да се решава зашто персоналот е преполовен.

- Летото очекуваме уште повеќе гости, спортисти и туристи. Ќе има многу туристи, многу работа, но за персонал ќе биде многу тешко. Недостасуваат угостителски работници. Ја чекаме сезоната, но не знам како ќе се снаоѓаме со работници. Ангажираме ученици од угостителскиот отсек во крушевската гимназија, но ќе биде тешко. Јас во моментов можам да примам повеќе од 6 угостителски работници. Со тек на време ќе се зголемува платата и треба да е атрактивно зашто оние што заминуваат мислам малку размислуваат за расходите што ги имааат во странство, покрај заработувачката. Треба многу работи да се променат во државата за да не заминуваат младите, вели Жан Здравески угостител од Крушево.

Крушево очекува да биде преполно со турити и гости од цел свет



Автор: Администратор
Објавено на: 14/04/2024 18:59