Под мотото „Да креираме надеж“ денеска во Кочани се одржа третата урбана Rotary Run трка на која учествуваа над 450 натпреварувачи од целата држава, како и од соседна Бугарија, што е двојно повеќе во однос на минатата година.

Организатор на трката беше Ротари клубот Кочани – Виница, чија идеја е на овој начин да ги промовира здравите навики за живеење и да ги поттикне граѓаните од различни возрасти на спортско-рекреативни активности во постковид-периодот.

Се трчаше по улиците во централното подрчје на Кочани, на патеки со должина од 10, 5 и 2,5 километри, во машка и женска конкуренција, а имаше и рекреативна Family run категорија.

-Задоволни сме од заинтересираноста за учество на трката којашто веќе станува традиционална, а со што ја исполнуваме и основната цел за поголема масовност, со учесници од предучилишна возраст до пензионери. И покрај невообичаено високите дневни температури за овој период од годината, сѐ помина во најдобар ред и најголем дел од натпреварувачите ја истрчаа должината на патеката за која се пријавија. Радува фактот што имавме и голем број пријавени натпреварувачи во категоријата за семејно учество, во која најмладиот натпреварувач е на две ипол годишна возраст. Годинава првото место на 10 километри во женска конкуренција ѝ припадна на Теа Божиновска од АК „Скопски маратон“ од Скопје, а во машка конкуренција најбрз беше Мартин Александров Балабанов од Ротари клубот Благоевград од Бугарија, истакна Зафир Наков, претседател на Ротари клубот Кочани – Виница.

Најдобрите тројца натпреварувачи кои трчаа на патеката од 10 километри добија признанија и парични ваучери.

Христина Гиздовска во женска и Григоријан Никовски во машка конкуренција беа најдобри на патеката од пет километри, а на најкратката патека од два ипол километри победници беа Марија Велков и Николчо Костадинов, за што им беа доделени признанија.

Поддршка во организацијата на трката дадоа Локалната самоуправа на Кочани, како и дваесетина компании од регионот.



Автор: Администратор
Објавено на: 14/04/2024 20:51