Нов сквер ќе го разубави платото пред Општина Центар. Станува збор за поставување комунална урбана, т.н. „урбан атрактор“на платото на аголот од ул. „Михаил Цоков“ и ул. „Орце Николов“ пред Општина Центар. Оваа опрема има за цел да го збогати јавниот простор со урбана инсталација на платформи со неправилни облици, клупи, зеленило и паркинг за велосипеди. Градежните работи за новопланираната инсталација „урбан атрактор“ се започнати и тој ќе се протега на површина од 56 метри квадратни. Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски вели дека новиот сквер ќе го оживее просторот и ќе биде ново збирно место за одмор и дружба.

„Мило ми е што Дебар Маало добива ново урбано катче за граѓаните. Урбаниот елемент на новиот сквер ќе има модерна конструкција, а во неа ќе има урбана опрема за релаксација и одмор на граѓаните од секојдневието. Ова ќе биде простор каде граѓаните ќе можат да одморат, да се социјализираат или да ги паркираат своите велосипеди додека ги завршуваат обврските во околината. Верувам дека ова футуристичко урбано издание ќе го збогати Центар и ќе биде позитивно препознаено од граѓаните“, вели Герасимовски“, вели Герасимовски.

„Урбаниот атрактор“ Општина Центар го добива како донација од Стопанска банка. Истиот ќе биде осветлен и ќе има информативна табла за корисниците на овој урбан елемент. Општина Центар ќе продолжи да работи на нови естетски уредувања и нови проекти за граѓаните.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/04/2024 18:48