Раководството на Јувентус летово очекува понуди за својот фудбалер Федерико Киеза, но ќе се обиде да го продолжи договорот со него по 2025 година.

Како што пишува „Тутоспорт“, Киеза не е целосно задоволен од статусот во тимот, што се виде по неговата реакција кога беше заменет на саботниот натпревар против Торино (0:0) и соработката со тренерот Масимилијано Алегри.

Неговиот договор истекува во 2025 година, а „Тутоспорт“ објави дека официјалните разговори за нов договор не се започнати и дека двете страни ги разгледуваат сите опции.

Раководството на торинскиот клуб ќе ги слушне понудите за Киеза, за кој наводно се заинтересирани Ливерпул и Њукасл. „Црно-белите“ летово ќе мора да го продадат напаѓачот доколку тој одбие да потпише нов договор.

Јувентус нема добиено никаква официјална понуда за 26-годишниот фудбалер, кој оваа сезона постигна осум гола на 29 натпревари во сите натпреварувања.



Автор: Администратор
Објавено на: 18/04/2024 05:17