Во организација на Општина Центар во Паркот на Франкофонијата денеска се одржал музички хуманитарен хепенинг, каде се собирале средства за лекување на Кара Селовска.
Како што соопштија од Општина Центар, музичкиот настан со хуманитарен карактер бил под мотото „За сите деца да има сонце“ и во организација на осумте основни училишта поддржани од општината.
Кара има 12 години и е ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Општина Центар. Има сериозни здравствени компликации поради кои е сместена во болница во Барселона, Шпанија. Средствата и се потребни за да ги покрие третманите за дијагностицирање на болеста и трошоците за престој.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски истакнал дека зад реализацијата на хуманитарниот настан не стојат никакви трошоци освен силна волја Кара и нејзиното семејство да се вратат дома здрави.
– Овој хуманитарен настан го организираме со сопствени сили и многу силна волја и желба на сите ученици, наставниот кадар, директорките и родителите од сите основни училишта во нашата Општина, да помогнат на 12-годишна Кара, ученичка во Песталоци и на нејзиното семејство да ја добијат оваа битка. На концертот се пријавија да настапат родителите на учениците од центарските училишта кои се познати во естрадниот свет. Навистина сум и благодарен за тоа. Овде има и добротворен базар на кој можат да донираат граѓаните, купувајќи ракотворби од локалните уметници, занаетчии и дизајнери. Училиштата на настанот имаат поставено и кутии за донации и искрено се надевам дека собраните средства ќе помогнат за покривање на дел од трошоците. Се надевам дека нејзината состојба ќе се подобри и Кара ќе го продолжи своето образование меѓу своите другарчиња од Песталоци, истакнал Герасимовски на концертот.
На хуманитарниот настан настапиле над 20 учесници меѓу кои Драган Мијалковски, Тамара Тодевска, Кристина Арнаудова, Бојана Скендеровски, Џокси, Јанг Дади, ученици од хоровите од основните училишта, Златните славејчиња и други.
Ова е втора акција која Општина Центар ја организира за собирање средства за лекување за малата Кара. Претходно пензионерите од Центар организираа аукција на слики преку која собираа донации за нејзиното лекување.