Поезијата е уметност која бара посветени индивидуалци, луѓе кои ја сакаат и се интересираат за поезијата. Поезијата е засебен книжевен род и можеби токму таков треба и да остане. Поезијата е наменета за интелектуална елита, но не во лоша смисла, туку во смисла на тоа дека ја сакаат луѓето кои вистински се интересираат да откријат нешто за себе и за светот околу себе, изјави за МИА српскиот режисер Срѓан Драгојевиќ, кој гостуваше на годинашното 36. издание на Саемот на книга во Скопје.

Режисерот Драгојевиќ во петокот во Бистро Комедија во Скопје го промовираше првото македонско издание на неговата збирка поезија насловена „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво, или сè што не сте знаеле за поезијата, а сте биле претерано мрзливи да читате“, а читателите може да ја најдат и на Саемот на книга што се одржува во арената „Борис Трајковски“ до 24 април.

Драгојевиќ вчера првпат гостуваше и на Саемот на книга во Скопје, кој исто така пред посетителите уште еднаш ја промовираше неговата поетска збирка. Тој во изјава за МИА посочи дека станува збор за компилација на две негови поетски книги објавени во 1990-тите.

Како што вели самиот Драгојевиќ во предговорот, „секое дело има свое сидро во ерата во која е создадено, а ерата во која се создадени овие песни била навистина интересна“. Песните се напишани од 1982 до 1988 и го отсликуваат духот на тоа време и младешкиот бунт на тогаш 20-годишниот Драгојевиќ.

-Книгата е компилација на две поетски книги кои јас ги издадов кога бев многу млад. За мојата поезија сум добивал повеќе награди во времето на Југославија, а една награда ми ја врачи Десанка Максимовиќ, нашата позната поетеса. Мислам дека е интересна поезија за читање, која се надоврзува со моите филмови на кои подоцна работев, вели Драгојевиќ.

Тој појаснува дека е интересно да се направи паралела кои се неговите читатели тогаш и денес. Смета дека читателите на неговата поезија денес треба да бидат момци кои би купиле збирка поезија на нивната девојки, за да бидат софистицирани.

Тоа, како што вели, е одличен поклон за девојка, особено затоа што кај нас момците не читаат многу.

-Мислам дека читатели на поезијата денес треба да бидат момци кои на нивните девојки би купиле книга поезија и на тој начин да бидат софистицирани. Тоа е одличен поклон, со оглед на тоа што момците кај нас не читаат многу, па вака можат малку да „глумат“ дека читаат, вели Драгојевиќ за МИА.

Драгојевиќ е познат во јавноста по неговите филмови „Рани“, „Ние не сме ангели“, „Убавите села убаво горат“ и „Парада“.

Тој за МИА објаснува дека поезијата и филмот се сосема различни жанрови во уметноста, во кино салите доаѓаат стотици илјади гледачи, додека на промоција на поетска книга доаѓаат помалку луѓе. Во поезијата, додава, многу помал број на луѓе купуваат книги, но тие што купуваат се вистински љубители на оваа уметност.

-Јас многу одамна, уште на крајот на 80-тите, се откажав од поезијата, но во меѓувреме пишував проза. Филмот е сосема поинаква уметност. Филм гледаат стотици илјади гледачи. На читање поезија доаѓаат помалку луѓе. Поезијата многу помалку се чита. Луѓето помалку купуваат книги, но вие кога снимате некој филм со милион гледачи, па потоа ќе влезете во кино сала па ќе ги слушнете како се смеат на нешто што не треба да е смешно, на вас ви е непријатно. Во поезијата, книги купуваат само околу две илјади читатели, но тие се вистински љубители на оваа уметност. Значи, тоа се многу различни уметности, вели Драгојевиќ.

Идејата за реиздание на неговата поетска збира, чии песни датираат од 1990-тите, е на неговиот издавач Иван Бевц од Белград.

-Во моментов работам на еден филм со Румена Бужаровска за нејзината приказна „Осми март“. До ова новото издавање на мојата книга поезија дојде така што Румена јас и Румена имаме ист издавач во Белград - Иван Бевц од издавачката куќа „Book“. Тој ми предложи повторно да ја издадеме мојата поезија, на што јас дадов позитивен одговор. Јас веќе 30 години сум режисер кој снима успешни филмови, но малку кој знае дека успешно се занимавам и со овој уметнички жанр. Се надевам луѓето ќе ја читаат оваа книга, додава Драгојевиќ.

Книгата „Чат-пат е добро да се читне некоја книга за да не се испадне глупав во друштво, или сè што не сте знаеле за поезијата, а сте биле претерано мрзливи да читате“ ја објави Издавачкиот центар ТРИ.

Бисера Трајковска



Автор: Администратор
Објавено на: 21/04/2024 22:23