Дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски и со државната секретарка Магдалена Несторовска, денеска го посетија Одделението за внатрешни работи во Кочани каде со раководството разговараа за безбедносната состојба и подготвеноста пред одржувањето на првиот круг од претседателските избори.

-Констатиравме дека материјалите успешно се распоредени по гласачките места, МВР ги обезбедува со пешадиски и со мото патроли и досега немаме никакви индиции за нарушувања за денот на гласањето. Исто така, бев информиран дека се задоволителни резултатите за безбедносната состојба на територија и се во тенденција за подобрување, а полицијата ги извршува своите професионални задачи. Разговаравме и за тоа дека во парите за исплата на бонус плата се обезбедени и по завршување на изборите колегите ќе бидат исплатени. Тоа е нешто што редовно во правиме од 2017 година до денес, истакна Бојмацалиев.

На средбата се разговараше и за безбедноста во сообраќајот на патишата, особено по зголемениот број сообраќајни несреќи на експресниот пат Штип – Кочани, каде за краток период загинаа и неколку лица.

- Констатацијата е дека најчеста причина за тоа е неприлагодена брзина на учесниците во сообраќајот. Во оваа прилика би сакал да ги повикам граѓаните да ги почитуваат сообраќајните знаци, со што се заштитуваат себеси и своите најблиски, додаде Бојмацалиев.

Во врска со зачестениот број тешки кражби во приватни и јавни објекти на подрачјето на Кочани, дополнителнито заменик министер нагласи дека успешно се реализираат активности за разоткривање на сторителите, а случаите се проследуваат на натамошна законска постапка.



Автор: Администратор
Објавено на: 22/04/2024 19:19