Жител на Канада доживеал срцев удар и починал на 22 март годинава, додека бил на одмор со своето семејство во Варадеро, Куба. Но, еден месец подоцна, неговото тело сѐ уште го нема... Семејството тврди дека им било испратено погрешно тело од Куба.

Семејството на покојниот Фараж Џарџур, кое живее во Лавал, Квебек, Канада, било на плажа кога на 68-годишникот му се случил срцев удар. Во близина немало лекар и морале да чекаат час и половина за брзата помош да дојде. Потоа им требале уште седум часа за да се договорат телото да биде пренесено во Хавана, каде се наоѓала најблиската мртовечница. Службеници од Канадската амбасада ги упатиле веднаш да отпатуваат назад во Канада и да организираат пренесување на телото дома. Кога пристигнале во Канада, властите им рекле дека за превоз на тело ќе треба да платат 10.000 канадски долари (6.800 евра).

Семејството ја платило наведената сума, но канадските власти не контактирале со нив неколку седмици. Потоа биле известени дека посмртните останки ќе пристигнат на 18 април. Но, телото што било донесено во Квебек, заедно со изводот на смртта и патните документи, не било она на Џарџур.

Телото на маж со бушава коса, тетоважи и многу помлад од Џарџур - подоцна било идентификувано како починат руски државјанин.

Семејството сега тврди дека телото на Русинот сѐ уште е во Канада, а од Џарџур нема трага. Таа ги обвини канадските власти за невнимание бидејќи конзуларните служби не им дошле веднаш на помош. Канадските власти наведуваат дека во случај на смрт на канадски државјанин на Куба, амбасадата помага во преносот на парите на тамошните погребни служби, поточно „Асистур“ - кубанска компанија за медицинско осигурување, одговорна за превоз на телото.

Но, семејството никогаш не било во директен контакт со „Асистур“, бидејќи целата логистика околу преносот била организирана од канадските власти. Потрагата по посмртните останки на Фарај Џарџур продолжува



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2024 04:29