Ерменија и Азербејџан соопштија дека официјално го започнале процесот за утврдување на конечниот облик на границата, што треба да биде дел од напорите за нормализирање на односите меѓу двете земји.

Претходно, премиерот на Ерменија, Никол Пашинјан се согласи со барањето на Баку за враќање на четирите погранични села, кои беа дел од Азербејџан за време на Советскиот Сојуз. Тој наведе дека руските граничари, кои се распоредени во спорните области од 1992 година, ќе бидат заменети со ерменски војници.

Руските граничари ќе се повлечат од таа област, а граничарите на Ерменија и Азербејџан ќе соработуваат само за да ја чуваат државната граница. Демаркацијата претставува значајна промена на теренот. Двете земји сега имаат граница, а не линија на контакт, што е знак на мир, посочи Пашинјан.

Додека претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев посочи дека двете земји се блиску до конечен мир.

Блиску сме до потпишување мировен договор од кога било досега. Сега имаме заедничко разбирање за тоа како треба да изгледа мировниот договор. Треба само да се справиме со деталите, истакна Алиев.

По распадот на Советски сојуз Ерменија и Азербејџан водеа две војни за Нагорно-Карабах, регион со мнозинско ерменско населени, а меѓународно признат како азербејџанска територија.

Азербејџан во септември минатата година презеде еднодневната воена операција при што 100.000 етнички Ерменци избегаа од Нагорно-Карабах во Ерменија.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/04/2024 05:13