Селекторот на австриската репрезентација Ралф Рангник призна дека имал разговор со шефовите на Баерн Минхен и го информирал раководството на австриската фудбалска централа. Во моментов тој сепак е фокусиран на селекцијата на Австрија и на претстојното Европско првенство.
-Со австриската федерација имаме односи засновани на целосна доверба. Овде се чувствувам добро. Во моментов нема причина да се занимаваме интензивно и конкретно со ова прашање, изјави Рангник.
Запрашан кога ќе дојде таков момент, 65-годишниот германски стручњак одговори: „Баерн стапи во контакт со мене и веднаш ја известив австриската федерација. Ако Баерн ми каже: „те сакаме“, тогаш ќе морам да се прашам дали тоа го сакам“.
На прашањето дали евентуален договор со Баерн Минхен ќе влијае на настапот на Австрија на Европското првенство, Ралф Рангник прокоментира: „Нема да играме подобро ако кажам дека дефинитивно ќе бидам тука во следните четири години“.
-Ако одлучам да правам нешто друго, прво ќе разговарам за тоа со репрезентацијата на Австрија. Финансиската страна не игра улога за мене. Она што ме мотивира е шансата да развијам тим кој ќе биде успешен, додаде Рангник, кој има договор со локалната федерација до 2026 година