Турскиот талент Арда Ѓулер следната сезона ќе биде меѓу носителите на играта на Реал Мадрид, најави тренерот на Кралскиот клуб, Карло Анчелоти.
Деветнаесетгодишниот Ѓулер прв пат се најде во почетниот состав во Ла Лига и го постигна својот втор гол во дресот на Реал Мадрид во вчерашната победа од 1-0 на гостувањето против Реал Сосиедад.
Според информациите, турскиот играч за врска е незадоволен од малата минутажа што ја добива и размислува да ја смени клупската средина како позајмен фудбалер во новата сезона, но Анчелоти во него гледа еден од клучните играчи во новата сезона.
„Арда ќе биде многу важен играч за нас во иднина и нема сомнеж дека ќе остане тука следната година. Тој е многу млад, но малку по малку учи каква е неговата улога во овој тим. Тој постигна повеќе голови отколку што одигра натпревари. Тоа е талент“, рече Анчелоти.