„Моето име е Горан Герасимовски, неговото Горан Стефановски. Навистина сум среќен што денес, заедно со вас, во маалото каде што и двајцата сме растеле, уште еднаш ќе го прославиме роденденот на великанот на македонската драматургија“, вака градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го отвори културно-музичкиот настан „Прослава на животот на Горан Стефановски“ по повод роденденот на најпознатиот македонски драматург.

Во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. Присутните ја проследија промоцијата на книгата „Пофалба на обратноста и други есеи” од проф- др. Иван Додовски, и уживаа во изведба на култните песни на „Леб и сол” во изведба на бендот Сешн Селекшн. Градоначалникот Герасимовски на синот Игор Стефановски му врачи карикатура со ликот на Горан Стефановски во чест на неговите безвременски дела со кои пренесуваше универзални пораки за сите граѓани.

„Во чест на денот на раѓањето на бардот на македонската драма Горан Стефановски денеска повторно уживавме во неговите драми. За потсетување на сите нас и за оставање траен белег на едно прекрасно време, Општина Центар и јас како Градоначалник, сакавме да оставиме видлива трага преку создавање мини културни простори под ведро небо што ќе се користат за промоција на младите и неафирмирани уметници. Овие културни сцени што ќе никнуваат низ Центар, збогатени со мурали и графити, ги изразуваат поддршката и трудот што Општината ги вложува во областа на културата. Чест ми е што првото центарско ќоше ќе го носи токму името на легендата од Дебар Маало – Горан Стефановски. Кога ќе поминеме низ Боемска улица, верувам дека секој еден ќе го сврти погледот и ќе се потсети на славните реплики од неговите драми. Можеби овој агол е мал, во споредба со големината на целокупното негово творештво, ама сигурен сум дека ќе влијае врз уметноста во нашето Скопје.“, рече денеска Герасимовски.

На настанот граѓаните можеа да го видат и надополнетиот мурал на Горан Стефановски со најпознатиот рефрен на песната „Скопје“ од Леб и сол „Насмевни се, не бери гајле, намигни ми, ајде на здравје, Скопје, нацртан од уметниците Драш и Мачка.

Со овој настан, со кој Општина Центар им оддава признание на најдобрите меѓу најдобрите, нека биде поттик за сите, заедно да создаваме трајни културни вредности што ќе станат нераскинлив дел од нашиот културен идентитет.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/04/2024 23:56