Тренерот на кошаркарките на белградски Партизан, Жељко Обрадовиќ, изјави денеска дека неговиот престој во клубот никогаш не бил доведен во прашање и истакна дека ќе направи сè што е во негова моќ со цел црно-белиот тим да биде уште подобар.

„Благодарам на сите за довербата да го водам Партизан и во следните две години. Благодарам на сите луѓе од управата што се договоривме за продолжување на соработката, ова беше заедничка желба.“, рече Обрадовиќ на прес-конференција во Белград.

Обрадовиќ, кој се врати во Партизан во 2021 година, денеска го продолжи договорот со црно-белите на уште две сезони.

„Откако се вратив, целта ми беше Партизан да биде редовен член на Евролигата. Ова е клуб што го чувствувам, ова е клуб што го сакам и можам да повторам дека сум навистина среќен што ќе продолжам да работам во Партизан во наредниот период“, рече Обрадовиќ.

Тој истакна дека е привилегија да се работи со луѓе кои имаат иста цел и кои ги врзува љубовта кон Партизан.

„Играв во Партизан во 1984 година, сега е 2024. Ме почитуваа секаде каде што работев, но ова е мојот клуб, мојот град, мојот народ“, изјави Обрадовиќ



Автор: Администратор
Објавено на: 28/04/2024 05:31