Американскиот Федералeн суд на Њујорк го отфрли обвинението против пејачот на „Аеросмит“, Стивен Тајлер, за сексуална злоупотреба на тинејџерка.

Познатиот рокер беше обвинет за нешто што наводно се случило 1975 година кога двапати сексуално ја нападнал Жана Белино, која тогаш имала 17 години, а Тајлер - 27 години. Судијата Луис Каплан изјави дека тужителката која тврди дека пејачот сексуално ја нападнал, не може да бара отштета според законите на Њујорк.

Судот смета дека е залудно да се поднесе и изменета жалба и со тоа трајно го отфрли случајот.

Образложението вели дека случајот не може да се толкува ниту по двете неодамнешни државни регулативи - Законот за возрасни жртви и Законот за деца жртви. Судијата рече дека првиот ги опфаќа само луѓето кои имале најмалку 18 години кога станале жртви, а вториот не ги опфаќа барањата поднесени по август 2021. Белино ја поднела својата тужба во ноември 2023 година.

Стивен Тајлер ги одрече обвиненијата, т.е. наводите дека ја нападнал тужителката во телефонска говорница додека неговите пријатели се смееле во близина и дека ја малтретирал во хотелска соба истиот ден.

Жана Белино, која во тоа време била млада манекенка, тврди дека го запознала Тајлер по модна ревија на Менхетен. Инаку, Тајлер се брани и од тужба во Лос Анџелес, каде што можната жртва Џулија Мисли тврди дека тој сексуално ја нападнал во 1973. кога таа имала 16, а тој 25 години



Автор: Администратор
Објавено на: 30/04/2024 06:48