Денеска започна инсталирањето на Тип 2 светилките кои се дел од паметното осветлување на јавни површини во Општина Центар. Тип 2 светилките ќе бидат инсталирани на споредни улици низ целата општина односно близу основни училишта, градинки, паркови, шеталишта итн. Од овој тип светилки ќе бидат инсталирани вкупно 2.637 парчиња. Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека Општина Центар е носител на иновациите кои носат бројни бенефити на граѓаните.
„Денеска започна инсталацијата на Тип 2 светилките кои ќе бидат инсталирани близу предучилишните и училишните институции како и паркови, шеталишта и споредни улици во општината. Ова лед осветлување со технологија за автоматско димирање односно само ја зголемува и намалува светлината следејќи го заоѓањето на сонцето носи дополнителни заштеди за општината без зголемување на ризикот за безбедноста на сообраќајот и сигурноста на граѓаните“, вели Герасимовски.
Процесот за менување на јавното осветлување со нови старт светилки Општина Центар го започна пред две недели со поставување на лед светилките од Тип 1 кои се инсталираат на најфреквентните улици во општината. Поставувањето се одвива етапно според урбани заедници поставувајќи ги паралелно различните типови сијалици кои ги има вкупно четири. Општина Центар преку реализација на овој проект ќе ја унапреди енергетската ефикасност со тоа што ќе оствари заштеда до 70% на потрошувачката на електрична енергија за јавно осветлување и повеќе од 75% на трошоците за одржување на постојниот систем.
Општина Центар