Високиот претставник во Босна и Херцеговина (БиХ) Кристијан Шмит синоќа истакна дека постојат закани по територијалниот интегритет на БиХ и дека тие доаѓаат од лидерите на Република Српска (РС).

„Постојат закани за Босна и Херцеговина, бидејќи претставниците на РС постојано зборуваат за отцепување, одвојување на ентитетот од државата. Додик неодамна изјави дека Бошњаците можат да имаат 25 отсто од територијата. Некои го сфатија ова како простор за етнички инциденти“, рече Шмит во своето обраќање пред Советот за безбедност на Обединетите нации.

Тој посочи дека неговиот мандат е да го надгледува спроведувањето на Дејтонскиот договор и оти за тоа има поддршка од Советот за безбедност.

„Советот за безбедност повеќе пати искажа поддршка за моето работење. Веќе со нетрпение го очекувам мојот извештај следниот месец“, додаде Шмит.

Тој се осврна на излагањето на српската членка на Претседателството на БиХ, Жељка Цвијановиќ, која упати сериозни обвинувања против Шмит, наведувајќи дека во него „не се почитуваат фактите и правната рамка на БиХ“.

„Се надевам дека разбирате дека ова не е место за разговор за навреди, ова е место за разговор едни со други. Повикувам на поголема точност, единственото нешто што го гледам е злонамерност“, рече Шмит.

Тој посочи дека како висок претставник мора да биде гарант за постоењето на ентитети, кои се делови од БиХ, која има меѓународен субјективитет, додавајќи дека РС е составен дел на БиХ.



Автор: Администратор
Објавено на: 01/05/2024 17:40