Специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти имаат мандати за носење тешки одлуки во рамките на дијалогот што го водат, јави дописникот на МИА од Белград.
-Вучиќ и Курти имаат мандати да носат тешки одлуки … ЕУ направи се што можеше, но не можеме да сакаме нормализација повеќе од Косово и Србија, рече Лајчак во интервју за весникот „Нова“, додавајќи дека сеопфатниот правно обврзувачки договор е целта на дијалогот и е клучен за влезот во ЕУ.
-Мојата желба беше да одиме до крај и да го завршиме процесот со сеопфатен правно обврзувачки договор за нормализација. Тоа не беше можно, но сакам да подвлечам дека изминавме долг пат, рече Лајчак, кој на 31 август го завршува мандатот како специјален пратеник на ЕУ за дијалог.
Лајчак рече дека од Белград и Приштина зависи постигнувањето на конечниот договор.
-Процесот е нивна сопственост и ние зборуваме за нивната иднина. И двете страни ја имаат европската интеграција како стратешки приоритет и напредокот во нормализацијата на нивните односи е суштински за напредокот кон ЕУ, рече тој и додаде дека и Србија и Косово знаат дека мора да постигнат сеопфатен и правно обврзувачки договор за нормализација.
Според него, Косово и Србија мора да вложат дополнителни напори и да го доведат процесот до крај.
-Ние можеме да советуваме, предлагаме и помагаме на секој чекор од патот, и тоа го правиме. Сепак, на крајот, двете страни се тие што треба да ги нормализираат своите односи, додаде Лајчак.
Според него одговорностите на двете страни се јасни.
-На Косово е да ја покрене процедурата за формирање на Заедницата на српските општини и да го прифати европскиот нацрт статут, а на Србија е паралелно да ги исполни своите бројни обврски, почнувајќи од признавањето на симболите на Косово, документите и институциите, што е предвидено во планот на чекорите за спроведување на договорот, рече тој.
Според него, двете страни и нивната конструктивност ќе се мери исклучиво врз основа на напредокот, а не врз основа на постапките или јавните изјави на другата страна.
-Топката е во теренот на Србија и Косово и чекаме тие да почнат да го исполнуваат договорот, додаде Лајчак.
Тој рече дека негова желба е Западен Балкан да успее и конечно да стане дел од ЕУ, бидејќи регионот припаѓа таму – географски, економски, културолошки.