Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Рикардо Гутиерез изрази длабока загриженост поради последниот напад на пратеник на владејачката косовска партија, Движење самоопределување (ВВ), врз косовските новинари и Асоцијацијата на новинари на Косово (АГК), јави дописникот на МИА од Приштина.

Во објава на Фејсбук, која ја пренесоа косовските медиуми, Гутиерез ги спомна и претходните напади на пратеникот на ВВ Димал Баша, кому и на албански јазик му порача да престане со таквиот однос кон медиумите.

„Господине Баша, ве молам да престанете со заплашувањата и напорите за дискредитација на новинарите и организацијата на новинарите. Што е многу, многу е. Или можеби треба да зборувам и на вашиот јазик: BOLL MA (ДОСТА ВЕЌЕ). Ова е едноставно неприфатливо во демократските земји“, напиша Гутиерез.

Секретарот на ЕФЈ изрази изненадување како еден експонент на косовската Влада се однесува на таков начин во време кога неговата земја се бори за членство во Советот на Европа.

„Како се осмелувате да се однесувате на овој начин додека вашата земја се бори за членство во Советот на Европа? Вашето неодговорно однесување му штети на угледот на Косово“, забележува Гутиерез.

Тој го повика премиерот Албин Курти „веднаш да преземе мерки членовите на неговата партија да престанат со континуираните напади врз новинарите и граѓанското општество“.

Гутиереш вели дека се надевал оти ВВ ќе рефлектира по лошите вести во петокот, каде Косово забележа голем пад во Индексот за слобода на медиумите во 2024-та, објавен од Репортери без граници.

„Се надевав дека лошите вести во петокот за алармантно негативното ниво на слобода на медиумите во Косово ќе ги натераат ВВ и неговите членови да размислат за нивната одговорност. Згрешив“, напиша Гутиерез.

Претходно во објавата, тој потсетува дека пратеникот Баша, на Светскиот ден на слободата на медиумите, обвини новинарка на РТК дека „поставува прашања налик на оние на Радио телевизија на Србија!“.

„Асоцијацијата на новинари на Косово ја бранеше (новинарката) и го повика господинот Баша да се воздржи од ваков опасен јазик. Во саботата господинот Баша ги удвои нападите врз АГК и новинарката на РТК, поврзувајќи ги повторно со Србија“, напиша Гутиерез.

Челникот на Европската федерација на новинари напомена и дека пред неколку недели Баша „го нападна почитуваниот и независен претседател на независната комисија за медиуми, Јетон Мехмети“.



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2024 04:26