Заменичката-градоначалник на општина Северна Митровица, Катарина Аѓанчиќ вели дека во последните 15 дена двапати се сретнала со премиерот на Косово, Албин Курти, додека за разлика од многу српски политичари од северот и другите делови на земјата, кои, според неа, тајно се среќаваат со него, таа тоа го прави отворено и јавно, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во интервју за агенцијата КосоваПрес, Аѓанчиќ рече дека со Курти, покрај членството на Косово во Советот на Европа (ЕК), разговарале и за различни теми кои влијаат на подобрувањето на животниот стандард на граѓаните на косовскиот север, населен со српско мнозинство.

Успешната петиција за смена на албанските градоначалници на северните општини – Северна Митровица, Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, а потоа и неуспехот на референдумот на север, Аѓанчиќ ги нарече „висока политика“.

Според неа, комуникацијата меѓу локалните и централните институции е неизбежна и мора да постои за доброто на граѓаните.

За членството на Косово во Советот на Европа, таа рече дека тоа е исправна работа што треба да се направи што е можно поскоро.

Потпретседателката на Северна Митровица нагласи дека досега никогаш не била нападната од никого поради соработката со институциите на Република Косово, иако не исклучува такво нешто во иднина.

Зборувајќи за пописот на населението, таа рече дека „статистиката е безмилосна наука“ и дека бројките покажуваат сè, па затоа ги повика српските граѓани од северот позитивно да одговорат на овој процес



Автор: Администратор
Објавено на: 06/05/2024 04:33