Полицијата на Косово потврди дека непознато и маскирано лице вчера во Лепосавиќ, во северно Косово, се обидело да го убие членот на партијата на косовските Срби, Прогресивна демократска партија (ПДС), Марко Јаблановиќ, но атентатот не успеал, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во денешното соопштение на косовското МВР се наведува дека Јаблановиќ пријавил оти, при влез во локал во Лепосавиќ, забележал маскирано лице со вперен пиштол кон него, но обидот за убиство пропаднал затоа што атентаторот не пукал, веројатно затоа што оружјето откажало.
„Пријавителот изјави дека додека влегувал во кафеана, во негова близина забележал маскирано лице со пиштол в рака, кој го вперил во оштетениот, но тој не успеал да пука. Полициските единици излегоа на местото на инцидентот, додека по налог на обвинител случајот оди во редовна постапка“, се наведува во соопштението на Полицијата.
На чело на ПДС е Ненад Рашиќ, министер за заедници и враќање во владата на Албин Курти. Оваа партија се смета за опонент на нејголемата партија на косовските Срби, Српска листа, која е во отворена координација со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со властите во Белград. Откако пред година и пол се повлече од Владата на Курти и ги повика Србите да ги бојкотираат косовските институции, СЛ оние што не се повинија на повикот ги прогласи за предавници на српскиот народ. Тие се постојано мета на вербални напади преку социјалните мрежи, а на некои од нив им се палени автомобилите и, во еден случај, недвижниот имот.
Заменик министерот за заедници и враќање од редовите на ПДС, Радоица Радомировиќ за вчерашниот обид за атентат ги обвини официјален Белград и поранешниот потпретседател на СЛ, Милан Радоичиќ, по кого е распишана потерница од Интерпол, откако и самиот ја презеде одговорноста како водач на нападот во Бањска, на 24 септември минатата година, кога загинаа косовски полицаец и тројца од српските напаѓачи.
„Трагичниот настан (атентатот врз Јаблановиќ) не се случи бидејќи на напаѓачот му откажало оружјето од типот ‘Шкорпион’. Несомнено е дека зад атентатот стојат белградскиот режим и Радојичиќ и локалните каубојци (поранешните водачи на СЛ), Славко Симиќ и Зоран Тодиќ... Нашироко е познато дека Марко и јас го поддржавме Александар Јаблановиќ да ги донесе потребните промени во Лепосавиќ. Откако Јаблановиќ во Белград се договори со Александар Вулин, со Вучиќ и членот на БИА (Безбедносната информативна агенција на Србија, Бојан) Димиќ дека за малку пари и привилегии ќе се повлече како кандидат за градоначалник на општина Лепосавиќ, Марко... се обиде да си го врати достоинство и да си го земе животот во свои раце“, напиша Радимировиќ на Фејсбук.