Настан кој треба да ни ги отвори очите и да ни каже една голема вистина за реалните состојби во културата, посебно за она што некогаш било, а и денес е авангарда. Со овие зборови новинарот Љупчо Јолевски го најави концертот „Гласови" на „Мизар“ и хорот „Хармосини“, закажан за в недела, 12 мај, во Македонската филхармонија.

„Гласови“ се подготвува од минатата година, а на публиката ќе и донесе сосема поинакво доживување. Како што беше речено на прес-конференција, „Бело море“, „Константинопол“, „Златно сонце“, „Градот е нем“, „Амфилохиј“, „1762“, „Глас“ и „Ходен Же“, се само некои од песните кои ќе бидат изведени.

Ансамблот кој стои зад „Гласови“ брои 17 члена. Во него, покрај „Мизар“ (Горазд Чаповски и Илија Стојановски) и „Хармосини“, вклучен е и оркестар со десетина врвни музичари, предводени од Дени Омерагиќ. Оркестарот го сочинуваат Драган Теодосиев и Кристијан Новковски (тапани), Нинослав Спировски (кларинет и саксофон), Благојче Томевски (кларинет и бас кларинет), како и петчлената гудачка секција: Глигор Кондовски, Тони Арслан, Сања Смилевска, Фиола Исмаили и Марко Крстевски.

-Ова ќе биде почеток на некое ново откровение. Идејата за проектот беше од поодамна, кога случајно, минатата година, ми се јави Зоран Митровиќ. Ја прифатив. Со оглед дека „Хармосини“ се главниот вокал, моравме да се сконцентрираме на византиската, поцрковната страна на „Мизар“. Има песни од сите албуми, а изборот го направи Дени, рече Чаповски.

Според Омерагиќ, песните се од различни периоди на творештвото на „Мизар“.

-При изборот, почнавме со поголем список, па преку консултации и работа, го скративме до оваа програма за концертот. Целта ни беше песните прво, да имаат логично место во овој ансамбл што функционира сега, потоа да покриеме различни периоди, од целото творештво, кога песните композициски различно звучеле и на крај, песни кои можеа да се расклопат и потоа повторно да се склопат на друг начин, да им се даде нов живот без компромис во квалитетот. Мислам дека со 80 отсто од материјалот сме многу блиску до тоа што првично го замисливме во однос на израз и квалитет. Останатите 20 проценти ќе ги „зашрафиме“ утре и задутре, истакна Омерагиќ.

Ристо Солунчев, кој го предводи хорот „Хармосини“, рече дека сосема спонтано излегло тие да бидат главен вокал.

-На почетокот гледавме како да се вклопи хорот и на крајот излезе дека е природно да постои во рамки на сите песни кои ќе бидат изведени. Ние сме задолжени за идејата на византиската музика што е присутна кај „Мизар“. Оттука и мислам дека не е нешто компицирано да се спои византиски хор со музиката на „Мизар“, објасни Солунчев.

Чаповски на прес-конференцијата најави нов материјал кој, како што рече, може да се очекува наскоро.



Автор: Администратор
Објавено на: 09/05/2024 14:51