Националниот џез оркестар ќе настапи на четвртиот фестивал Balkan Jazz Showcase-2024 кој од денеска до 12 мај ќе се одржува на Универзитетот за уметности во Тирана, во организација на Албанското џез здружение (Albanian jazz society).

Како што соопшти Националниот џез оркестар, нивниот настап е на втората фестивалска вечер. Од земјава ќе гостува и Sethstat Quintet, а покрај нив на фестивалот во Албанија ќе учествуваат и оркестарот NisVille од Србија, Сара Јововиќ трио од Црна Гора, Gypseons Trio од Грција, Leo Richartz Trio од Германија и Alba Dajlani & AJS Quartet од Албанија.

-Покрај учесниците од Германија, овој настан ќе ги собере меѓу најталентираните џез музичари од Балканот и претставува можност за културна размена и промоција на богатството на џез музиката во овој регион. На фестивалот Balkan Jazz Showcase-2024 ќе се соберат и директори на фестивали од повеќе земји, а специјални гости се водечките луѓе од џез асоцијацијата на Кина. Оваа соработка обезбедува не само културна размена, туку и потенцијални проекти во рамките на програмите на „Креативна Европа“ и Западен Балкан, како и промоција на балканската џез сцена на фестивали во кинеските градови Пекинг, Шангај, Гуангжу и Ченгду, соопшти Националниот џез оркестар.

Покрај концертите, на фестивалот ќе има и изложба „Drumsville - Evolution of the New Orleans Beat“ како подарок од џез музејот на Њу Орлеанс.

Националниот џез оркестар информира и дека по учеството на овој фестивал во Тирана, во наредниот период планираат настапи и во уште неколку балкански земји.



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2024 12:54