Режисерот Вардан Тозија за филмот „М“ ја освои главната награда за најдобра режија во интернационална конкуренција на 20-тиот фестивал „Фантаспоа“ (Fantaspoa) кој се одржа во Порто Алегре во Бразил. Тозија за овој филм доби награда и на годинашниот фестивал во Хјустон, САД.
Бразилскиот „Фантаспоа“ е најголем жанровски филмски фестивал во Јужна Америка и единствен од тој континент што е дел од престижната Мелиес – Европска филмска федерација на фантастични филмови, организација која ги обединува најзначајните 22 жанровски филмски фестивали во светот.
-Силвија Каминер, членка на интернационалното жири на „Фантаспоа“, го опиша филмот „М“ како „прекрасна и прогонувачка приказна. Тозија внесува нов живот во зомби жанрот, преку чудесен визуелен израз и исклучителна актерска изведба на двете мали ѕвезди, соопшти ПР-от на Тозија.
Филмот „М“ бил дел од интернационалната селекција на фестивалот, составена од 24 филмови од целиот свет, во најголем дел со свои светски и континентални премиери. По успехот на овој македонски филм, се очекува широка дистрибуција низ земјите на Јужна Америка.
Покрај успехот на фестивалот во Бразил, „М“ неодамна, во конкуренција од над 4000 филмови, добил награда „Златно Реми“ на годинашниот фестивал во Хјустон - World Fest Houston International Film Festival, еден од најстарите во САД.
-Фестивалот во Хјустон низ својата петдецениска историја промовирал голем број прославени филмски имиња на американската и меѓународната сцена. Во последните години фестивалот има ревијален карактер, при што доделува бројни награди во десет одделни категории во рамките на светската кинематографија, се наведува во соопштението.
„М“ е втор долгометражен филм на Вардар Тозија и е во продукција на „Фокус покус филмс“. Филмот е поддржан од Агенцијата за филм и е копродукција меѓу нашата земја, Хрватска, Косово и Франција.