Фудбалерите на Баер Леверкузен под водство на тренерот Чаби Алонсо го соборија европскиот рекорд стар 59 години, останувајќи непоразени на 49 натпревари во сите конкуренции.

Од воведувањето на европските натпреварувања ниту една екипа нема направено ваква серија, пишува агенцијата ДПА.

Баер Леверкузен изминатата вечер ремизираше со Рома (2-2) во реваншот од полуфиналето на Лига Европа, а Германците израмнија со гол длабоко во судиското продолжение.

Баер претходно го делеше рекордот со Бенфика, која остана непоразена на 48 официјални натпревари од декември 1963 до февруари 1965 година.

На Баер до крајот на сезоната му претстојат уште четири натпревари за продолжување на рекордот, бидејќи ги очекува завршницата на германскиот Куп и Лига Европа, како и финишот во Бундеслигата, каде досега сезонава има 26 победи и шест нерешени.

Токму бундеслигашкиот рекорд е најтешко остварлив за Баер. Рекордот е во сопственост на Баерн Минхен, кој во периодот од 2012 до 2014 година, под водство на тренерите Пеп Гвардиола и Јуп Хејнкес, остана без пораз на 53 натпревари



Автор: Администратор
Објавено на: 10/05/2024 13:55