Соборот на Српската православна црква (СПЦ) денеска почна со литургија во црквата „Свети Сава“ во Врачар наместо во Пеќката патријаршија, како што беше планирано, со порака дека вратата на тој манастир на Косово и Метохија, порано или подоцна ќе биде отворена за него и за врвот на Црквата, како и за сите луѓе со добра волја.
„Требаше денеска да служиме литургија во светата Патријаршија во Пеќ, но актуелните власти во Приштина ни забранија да влеземе во неа и ни ја затворија вратата“, рече поглаварот на СПЦ, патријархот Порфириј по литургијата што ја служеше со епископи и митрополити од Србија и дијаспората.
Тој нагласи дека „сè се случува според Божјиот промисла и дека во Господ е секоја победа“.
„Затоа сме сигурни дека, според Божјата волја, вратите на Пеќката патријаршија порано или подоцна ќе се отворат не само за нас, туку и за сите луѓе со добра волја“, рече патријархот Порфириј.
Тој изјави дека архиереите се собрале во љубов, единство и меѓусебно разбирање да направат се за „спасение на Божјиот народ“ .
„Вашите молитви се добредојдени и неопходни за овој Собор, како и секој досега, да помине во мир и љубов“, им порача на насобраните патријархот Порфириј.
По церемонијата ќе има работен дел во криптата на храмот „Свети Сава“, прво со усвојување на дневниот ред, а потоа и со разгледување на извештаите на архиереите и централните црковни органи.
Работниот дел ќе трае неколку дена зад затворени врати. По завршувањето, Соборот ќе излезе со соопштение.
Како што соопшти вчера СПЦ, патријархот и владиците биле запрени на административниот премин Мердаре од приштински службеници и без образложение им соопштиле дека им е забранет влезот во Косово.
Исто така, СПЦ укажа дека одлуката да се забрани поглаварот и епископите да дојдат во нејзиното античко седиште - од гледна точка на човековите права и слободи на кој било човек - е неразумна и неприфатлива, но во исто време е и точна слика за позицијата на Српската црква и на српскиот народ на Косово и Метохија.