Претседателката на Косово, Вјоса Османи, објави дека имала телефонски разговор со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, на кој се станало збор за апликацијата на Косово за членство во Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Приштина.

Османи преку платформата „Х“, поранешен Твитер, информриа дека во вчерашниот разговор го нагласила значењето на членството на Косово во таа институција, не само за државата, туку и за европскиот континент.

„Вчера разговарав со претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, за да дискутираме за членството на Косово во Советот на Европа. Ја истакнав критичната важност за успешно завршување на овој процес, да обезбедиме што поскоро корист за сите наши граѓани од инструментите на Советот. Нашето членство не само што би било победа на човековите права во Косово, туку и победа на нашиот континент и на вредностите на кои тој цврсто стои“, напиша Османи.

Германија и Франција се две од земјите кои го условија членството на Косово во Советот на Европа со испраќање до Уставениот суд на нацрт-статутот на Заедницата на општини со српско мнозинство.

Комитетот на министри на Советот на Европа ќе се состане утре и задутре, 16 и 17 мај, додека гласањето за членство на Косово сé уште не е на дневен ред. Косово треба да го помине уште ова гласање за да се приклучи на Советот на Европа



Автор: Администратор
Објавено на: 15/05/2024 22:18