Денешната средба меѓу претставниците на Белград и Приштина за изнаоѓање одржливо привремено решение за луѓето кои се најпогодени од регулативата на косовската Централна банка за забрана на сите останати готовински трансакции освен во евра, покажа дека страните не можат да најдат компромисно решение за преостанатите отворени прашања, соопшти вечерва Европската служба за надворешни работи.

- ЕУ жали што денеска не можеше да биде постигнат договор и оценува дека нема подготвеност да се најде компромисен договор, се додава во соопштението.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, од 28 февруари, па до денеска, ова беше седма рунда преговори меѓу делегации на Косово и Србија со посредство на ЕУ во својство на олеснувач на дијалогот Белград-Приштина, посветени на изнаоѓање решение за проблемите предизвикани со одлуката на косовската Банката со која се забранува употребата на српскиот динар во Косово, со која беа погодени пред се припадниците на српската заедница кои примаат плати, пензии и социјална помош од Србија.

- За време на овие состаноци, страните опширно ги презентираа своите позиции и ги испитаа можностите за изнаоѓање заеднички јазик. ЕУ даваше идеи и предлози во текот на целиот процес, а страните успеаја да премостат некои од нивите разлики со цел да обезбедат финансиски текови од Србија кон Косово, вклучително и договор за основање на нов деловен субјект според косовскиот закон, со задача привремено да ја распределува финансиската помош од Србија. Сепак, и покрај тоа што ЕУ поднесе компромисен предлог што ги приспособи позициите на страните до максимален можен степен, страните не можеа да се договорат за неколку клучни прашања, вклучувајќи го целокупниот обем на активностите на новиот субјект, опсегот на неговите корисниците и финансиска помош од Србија за институциите во Косово, посочува ЕЕАС.

Службата оценува дека отсуството на договор меѓу двете страни има негативни последици врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници во Косово и претставува причина за загриженост.

- ЕУ како олеснувач останува подготвена да свика уште еден состанок на оваа тема веднаш штом страните сигнализираат подготвеност за изнаоѓање заемно прифатливо решение, се додава во соопштението.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2024 15:43