Со претставата „Свет без жени“, на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности вечер почнува дванаесеттото издание на Фестивалот за феминистичка култура и акција „Прво па женско“.
Како што информираат од Тиииит! Инк., по изведбата на претставата, во рамки на дискурзивната платформа на Локомотива и Тиииит! Инк. - „Дијалогот што недостасува“, ќе следува разговор со авторките модериран од Калиа Димитрова од феминистичката платформа „Медуза“.
Претставата „Свет без жени“ на авторките Олга Димитријевиќ и Маја Пелевиќ ја освои наградата од публиката на Фестивалот „Битеф“ во 2022 година.
-Жените и работата - тоа е главниот мотив на проектот „Свет без жени“. Авторките тргнуваат од истражувањето за структурните нееднаквости во театарот во Србија: родова нееднаквост, нееднаквост во плати, нормализирано насилство, репродукција на патријархални капиталистички матрици. Истражувањето ги отвора прашањата: кој има право на работа, под кои услови и колку треба да биде/ат платен/а/и? Претставата ги пропрашува размерите на ангажираната уметност денес и љубовта (кон уметноста) како најподмолен извор на социјална репресија, соопштија организаторите на фестивалот.
Претставата ќе биде изведена како соработка меѓу Центарот за иновација во уметноста и културата „Локомотива“ и организацијата за промоција на женската активност „Тиииит! Инк.“ и нивните фестивали Перформанс платформа фестивал и „Прво па женско #12“.