Патувачката мултимедијална изложба на историски стрип „CAN for Balkans“, на која една четвртина од изложените дела се на македонски автори, е отворена во Домот на Сојузот на бугарските уметници, попознат како „Шипка 6“, во Софија.

Македонските автори што со свои стрипови се претставени на групната изложба „CAN for Balkans“ се Љубомир Филиповски, Миле Топуз, Диме Иванов-Димано, Коле Манев, Славчо Темков, Драган Ташковски, Илија Јордановски, Дарко Богданов и Александар Стеванов, кој воедно е и истражувач и селектор на изложените македонски дела.

Како што истакнува селекторот на македонскиот дел од изложбата Стеванов, меѓу личностите од македонската историја застапени во изложените стрипови се: Александар III Македонски, цар Самуил, Хацон, Пребонд, св. Кирил и Методиј, св. Климент Охридски, војводата Ивец, цар Гаврил Радомир, Ѓорѓи Војтех, Карпош, Сирма војвода и гемиџиите, како и хероите од илинденскиот период и од НОБ.

-Со оглед на тоа што повеќето од овие стрипови се придржуваат до историските факти, интересно е да се спомне дека дел од нив долги години беа користени во образовниот систем како помагала по предметот Историја, изјави Стеванов.

На негов предлог, како најамблематичен лик од македонските историски стрипови е избран едноокиот Самуилов војник Никола од стрипот „Одмазда на еднооките“ на Филипов, кој на изложбата е поставен на посебно пано отпечатено во реална величина.

Стеванов посочува дека ова е прво претставување на македонскиот стрип во Бугарија по 2010 година, кога во галеријата „Алтер его“ при Културниот центар „Средец“ во Софија беше поставена изложбата „Нови стрип соседства“.

Изложбата „CAN for Balkans“ („Comics Alliance Networking for Balkans“) е дел од истоимениот повеќегодишен меѓународен проект за историски стрип, кој преку програмата „Креативна Европа“ е кофинансиран од Европската Унија. Организатор на изложбата е Историскиот музеј на округот Брашов, во Романија, а нејзин куратор е директорот на оваа установа – Николае Пепене. Во Софија таа е поставена во рамките на манифестацијата „Софија комикс експо 2024“, чии организитори се Сојузот на бугарските уметници, секција стрип, и „Проектот Д`га“.

Почнувајќи од октомври 2022 година, изложбата досега била поставена во Брашов, Тирана, Брисел, Лесковац, Велес и во Букурешт, а во нејзината имплементација е вклучен и Стрип центарот на Македонија со седиште во Велес. Покрај стриповите на теми од македонската национална историја, останатите три сегмента од изложбата се посветени на романскиот, албанскиот и на српскиот историски стрип.

Покрај изложбата „CAN for Balkans“, во Домот на Сојузот на бугарските уметниците во Софија се поставени и изложби на бугарскиот национален историски стрип и на популарната српска стрип-серија „Вековници“. Посетителите на манифестацијата „Софија комикс експо 2024“ ќе може да ги погледнат сите три изложби до 31 мај.



Автор: Администратор
Објавено на: 16/05/2024 16:39