Владата на Косово го подготвува Предлог-статутот на Заедницата на српските општини (ЗСО) кој ќе биде испратен до Уставниот суд до крајот на мај, наведе косовската министерка за надворешни работи, Доника Гервала, во писмо до Претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Овој потег на Владата доаѓа пред состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, на кој членството на Косово во таа организација не беше ставено на дневен ред, бидејќи Франција и Германија побараа од Косово да преземе конкретни чекори за поднесување на Нацрт-статутот на ЗСО до Уставен суд за уставна оцена, пренесе ета.
Ваквото барање го одби косовскиот премиер Албин Курти.
Но, во писмото испратено на 15 мај, Гервала најави дека до Уставниот суд ќе биде доставен Нацрт-статутот што го подготви Владата на Косово, а не европскиот нацрт презентиран пред партиите минатата година.
Според овие тврдења, Владата на Косово работи на нацрт-статутот инспириран од оној на Фондацијата „Фридрих Еберт“.
Гервала додаде дека, земајќи ги предвид тие чекори, очекува дека Комитетот на министри ќе има дополнителни причини да го покани Косово да стане 47-та членка на Советот на Европа. На крајот на јануари 2023 година, Фондацијата „Фридрих Еберт“ го објави Нацрт-статутот за основање на ЗСО во согласност со Уставот и правниот систем на Косово. Тој нацрт, кој се состои од седум поглавја и 18 члена, го предвидува начинот на формирање, организациската структура, односите со централните власти, законодавството, буџетот, како и други аспекти на работата на Заедницата, вклучувајќи ги и симболите.
Според тој предлог, ЗСО може да има дополнителни овластувања, кои може да се префрлат на централните власти на Косово.
Што се однесува до структурата, тој нацрт предвидува дека ЗСО има Собрание, претседател, потпретседател, Совет и Управен одбор на Заедницата.
Целите на тоа тело се зајакнување на локалната демократија, овозможување, финансирање или промовирање активности кои го подобруваат учеството на граѓаните и демократската практика, како и застапување интереси важни за локалната демократија.
Во документот се предвидува дека ЗСО ќе има статус на правно лице, што, како што се наведува, со законски акт треба да му го додели Владата на Косово.
Според документот на германската организација, ЗСО ќе се финансира од придонесите на своите членови, приходите од услугите што ги дава, движен или недвижен имот, трансфери од централни власти, грантови, донации, како и финансиска поддршка од други здруженија и организации, домашни и меѓународни, вклучително и Србија