Министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Грвала побара од министрите за надворешни работи на Советот на Европа да го стават на дневен ред членството на Косово во организацијата, по денешното писмо во кое косовската влада се обврзува да изготви и испрати пред Уставен суд нацрт-статут за формирање Заедница на општини со српско мнозинство, јави дописникот на МИА од Приштина.

Вицепремиерката Грвала на денешната прес-конференција рече дека овој нацрт-документ ќе ги исполни меѓународните обврски на Косово, како и ќе обезбеди целосно почитување на Уставот и законите на Косово.

Според неа, без разлика како ќе биде прифатена оваа понуда на косовската страна, ќе продолжи процесот за изработка на нацртот за Заедницата и негово доставување до Уставниот суд.

Сепак, рече шефицата на косовската дипломатија, во зависност од тоа како ќе се одговори на предлогот на Косово за Заедницата, ќе се одлучува за следните чекори за придвижување на оваа иницијатива.

„Меѓутоа, ние очекуваме дека нашите меѓународни партнери ќе ја ценат оваа заложба и оваа готовност, а во зависност од реакцијата на другата страна, ќе видиме дали ќе можеме конечно да изработиме таков нацрт и дури потоа да го презентираме. Засега не сме во напреднати процеси, во фаза на подготовка сме, со надеж, лобирајќи секако, дека намерата ќе биде прифатена како искрена и конечно ќе се отвори вратата за решение кое не е во спротивност со нашите закони, а нуди можности и за граѓаните од српската заедница“, додаде Гервала.

На прашањето дали ова писмо на намери е направено во координација со земјите од таканаречената „Група Квинта“ (САД, Велика Британија, Германија, Италија и Франција), заменик-министерот во косовското МНР, Крешник Ахмети рече дека писмото за намери е испратено преку официјални канали до Советот на Европа, каде што сите членуваат сите земји на Квинта.

Тој рече дека доколку на утрешната средба на министрите за надворешни работи на Советот на Европа нема подготвеност да се вклучи членството на Косово во дневниот ред, може да одреди следен датум кога ќе може да се направи такво нешто.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2024 00:27