Во врска со писмото на косовскиот премиер Албин Курти до Советот на Европа дека до крајот на мај ќе го испрати нацрт-статутот на Заедницата на српски општини (ЗСО) до Уставниот суд, директорот на Канцеларијата на Владата на Србија за Косово Петар Петковиќ денеска изјави дека тоа е „чист фалсификат“ преку кој Курти „сака да ги избегне обврските од дијалогот“.

„Согласно постигнатите договори во Брисел, конечниот Статут на ЗСО се преговара и се усвојува во дијалог на високо ниво, така што не станува збор дека тоа може да биде едностран акт на Приштина. Второ, исто така, според договорите, Нацрт-статутот на ЗСО е во надлежност на Управувачкиот тим што на 2 мај 2023 година во Брисел во дијалогот на високо ниво го претстави својот Нацрт“, се наведува во писмената изјава на Петковиќ.

Петковиќ додаде дека Управувачкиот тим го сочинуваат Србите од Косово и дека на 21 октомври минатата година „Големата петорка“ заедно со претставникот на ЕУ во дијалогот, Мирослав Лајчак, и го претставиле на Србија Нацрт-статутот на ЗСО подготвен од ЕУ, а Курти тој документ јавно го одби и кажа дека не сака да зборува за него.

Петковиќ истакна дека „невозможно е невладини организации да го пишуваат статутот на ЗСО, а уште помалку да подметнуваат таков документ како некаков официјален предлог“.

„Ниту една мала група собрана околу нелегитимните албански градоначалници не може да биде легитимен претставник на српскиот народ, со кој Курти би разговарал за Сатутот, особено ако се има предвид дека овие лица освоиле 3,5 отсто од албанските гласови на северот, додека тие избори српскиот народ ги бојкотираше“, потсети Петковиќ.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2024 00:37