Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола очекува многу тежок натпревар против Вест Хем во последното коло од Премиер лигата. На „граѓаните“ им е потребна победа на „Етихад“ во недела за да ја обезбедат четвртата титула во низа во домашното првенство.

Сепак, Пеп е подготвен за еднакво тежок меч како што имаше тимот во последното коло против Астон Вила пред две сезони. „Граѓаните“ тогаш заостануваа со два гола разлика до 69. минута, но направија целосен пресврт и на крајот завршија со бод пред Ливерпул.

-Имам чувство дека ќе биде исто како со Астон Вила пред две сезони. Ќе сакаме да бидеме 3:0 до десеттата минута, но тоа нема да се случи. Гледав доволно натпревари на Вест Хем. Имаат неколку оружја што треба да ги контролираме бидејќи во спротивно ќе биде многу тешко. Имавме два дена да се подготвиме и подготвени сме. Јас лично сум подготвен за тежок натпревар. 11-те играчи на Вест Хем ќе сакаат да не победат. Како Астон Вила пред две сезони. Тие не играа за џабе, но знаеме што се случи. Мораме да бидеме подготвени од првата минута и да го направиме тоа заедно со нашите навивачи, истакна Гвардиола на прес-конференција.

Пеп додаде дека сè уште не е сигурно дека Кевин де Бруин ќе биде подготвен за неделната пресметка.

-Ќе видиме денес. Вчера играчите се одморија. Ќе тренираме денеска и ќе видиме, истакна тренерот.



Автор: Администратор
Објавено на: 17/05/2024 18:34