Пеп Гвардиола призна дека следната сезона би можела да биде негова последна на чело на Манчестер Сити.

„Граѓаните“ го победија Вест Хем со 3:1 на домашен терен во неделата вечерта и ја освоија рекордната четврта последователна титула во Премиер лигата и шестата за Гвардиола во седум сезони во Манчестер.

Шпанскиот стручњак има уште една година од договорот на „Етихад“ и се уште не е сигурен што му носи иднината.

-Вистината е дека поблиску сум до заминување, отколку до останување. Поминаа осум години, ме чека деветата. Во моментов, моето чувство е дека сакам да останам и следната сезона. Разговаравме со клубот, имаме време да разговараме следната сезона бидејќи треба да видам што мислат и играчите. Сакам да останам и следната сезона. За време на кампањата ќе разговараме. Но, по осум, девет години…“, изјави Гвардиола.

Тој освои се што е можно во англискиот фудбал и рече дека во еден момент се запрашал што друго може да постигне со Сити.

-Го имав тоа чувство минатата сезона кога ја освоивме тројната круна. Бевме во Истанбул и си помислив: „Готово е. Што правам овде? Нема ништо останато за освојување“. Но, јас имам договор. Јас сум тука и продолжувам да уживам во некои моменти - понекогаш сум уморен, но други многу ги сакам, додаде Шпанецот.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2024 05:11