Италијанскиот тренер Маурицио Сари откри дека добил четири понуди од премиерлигаши и од Ла Лига откако во март беше отпуштен како тренер на Лацио.

-Отворен сум за сите проекти кои ме привлекуваат. Досега единствените четири клуба кои ме побараа се од странство, поточно од Премиер лигата и Ла Лига. Мојата одлука зависи од можностите и од тоа кој проект ќе ми изгледа најпривлечен. Фиорентина? Ми се јавија од таму во минатото, но не неодамна, сподели Сари за време на пријателскиот фудбалски турнир во спомен на Николо Гали.

Тој исто така изрази уверување дека доколку италијанските клубови ги имаат парите што ги имаат англиските тимови, трофејот од Лигата на шампионите секој пат ќе оди на Апенините.

-Кога италијанските клубови би можеле да ги поделат приходите на тимовите од англиското првенство, финалето на Лигата на шампионите секогаш би било во Рим, бидејќи овде нашите тимови секој пат би го освојувале. Нашите тренери и директори се на друго ниво. Секако дека има и одлични во странство, но ако зборуваме генерално, нашите ментори и менаџери имаат нешто повеќе, смета тренерот.

Сари укажа и на проблемите кои ги спречуваат италијанските клубови да триумфираат во ЛШ.

-Разликата со фудбалот во другите земји е во инфраструктурата. Нивото на нашиот фудбал е подобро отколку што мислат странците. Со години кажувам дека сè што ни недостасува се клубови способни да ја освојат Лигата на шампионите. Ако ги погледнете нашите просечни тимови, очигледно се подобри од странските. Има неверојатен развој меѓу нашите клубови меѓу 8 и 12. место во поредокот. Тоа се гледа во Конференциската лига каде покажавме дека сме најдобри. Ни недостасуваат само клубови способни да ја освојат Лигата на шампионите, како и инфраструктура, додаде тој.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/05/2024 05:44