Македонското, заедно со другите национални малцинства, синоќа во Центарот за отвореност и дијалог во албанската влада, презентираа традиционални носии, публикации, фотографии, слики и артефакти, кои ја отсликуваат различноста и културното богатство на малцинствата во Албанија.

Изложбата беше во рамки на одбележувањето на 21 мај, Светскиот ден на културната различност а ја организираше Комитетот за национални малцинства, владин орган во кој членуваат претставници на девет национални малцинства, колку што се признати со Законот за заштита на малцинствата.

-Македонското малцинство меѓу другото беше претставено со фотографии, традиционална облека, артефакти и публикации, кои го отсликуваат културното богатство на Македонците во Албанија. Беа изложени и две книги, студии на научно ниво, кои го докажуваат постоењето на македонското малцинство и хармоничниот соживот на нашето малцинство со мнозинството, рече Марјана Костофски, претставничка на македонското малцинство во комитетот.

Додава дека една од студиите е книгата од Д-р Мери Стојанова, насловена „Етнографија и антропологија на Македонците „Нашинци“ од македонско-албанското пограничје“, додека втората „Хармонска интеграција на македонското малцинство во Република Албанија - случај на македонското малцинство во областа Преспа и Врбник“ , од Проф. д-р Марија Дојче професорка на Универзитетот „Фан С. Ноли“ во Корча.

На изложбата присуствуваа и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски и Васил Стерјовски, лидер на единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.

-Ова беше одлична можност да се истакнат вредностите на културната различност на малцинствата и да ја зајакнеме нашата посветеност за нивните права. Македонската заедница прекрасно беше претставена од членот на македонската заедница во Комитетот за национални малцинства, Костофски, која донесе фотографии од секојдневниот живот, верските обреди и културното наследство на Македонците во Албанија. Ова беше момент на гордост за сите нас, оцени Стерјовски.

Претседателката на Комитетот, Константина Бежани, која е претставник на грчкото малцинство, уште еднаш побара овој ден да биде прогласен како „Ден на малцинствата во Република Албанија“.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2024 00:21