Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска на панел дискусија во седиштето на ОН во Њујорк, каде што зборуваа жртвите и сведоците на војната во Босна и Херцеговина, ги повика сите членки на Генералното собрание на ОН да не ја усвојуваат нацрт-резолуцијата за Сребреница – јави дописникот на МИА од Белград.
-Длабоко сум трогнат од сведочењата на сите Срби кои дојдоа овде да сведочат низ што поминале пред 30 години – рече Вучиќ на трибината на тема „Ние зборуваме затоа што тие не можат – гласови што треба да се слушнат“, организирана од постојаната мисија на Србија во ОН.
Тој нагласи дека вистината никогаш не е еднострана и дека жртвите тоа го потврдиле во пресрет на евентуалното усвојување на нацрт-резолуцијата за геноцидот во Сребреница.
Вучиќ истакна дека овие луѓе не се политичари, туку обични луѓе и дека сите ќе се чувствуваат многу лошо ако се донесе резолуцијата, бидејќи тие се жртви, а на челото ќе им се стави белег како да се дел од геоноциден народ.
-Србија никогаш не молчела, ние не молчевме за страшните настани во Сребреница, ние апсевме, ние приведовме и ги екстрадиравме сите што беа индивидуално одговорни за страшните злосторства што се случија во Сребреница – рече Вучиќ.
Претседателот на Србија додаде дека не може да уценува други земји како што тоа го прават некои од земјите коспонзори.
-Каков ќе биде резултатот ако утре ја усвоите оваа резолуција? Од едната страна ќе имате радост, а од друга страна ќе имате лутење, тага и гнев. Па, дали е тоа целта – праша Вучиќ