Ретроспективната изложба на Драган Верговски – Алпи вечер, во 20 часот, ќе биде отворена во галерискиот простор на Чифте амам. Изложбата ќе биде поставена еден месец, до 23 јуни 2024 година.

Како што информира Националната галерија на Македонија, Драган Верговски-Алпи е советник конзерватор, современик на Борко Лазески и Димитар Кондовски. Роден е во 1950 година во Белград. Завршил средното уметничко училиште во Скопје, под раководство на професорот Димо Тодоровски. Потоа се запишал на Педагошката академија. Под менторство на професорот Борко Лазески, како што се наведува, тој навлегува во теоретските основи на уметноста истражувајќи ги концептите на формата, бојата и композицијата, кои подоцна значително ќе влијаат врз неговото уметничко дејствување. Студирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, под раководство на професорот Димитар Кондовски.

- Верговски е плоден излагач, покажувајќи ја својата уметност самостојно од 1968 година со значајна изложба на Младинската работна акција Нов Белград. Неговите изложби, и на национално и на меѓународно ниво, собираат признанија истакнувајќи ги неговата разновидност и мајсторството во различни уметнички жанрови. Покрај придонесот во светот на уметноста преку изложби, Верговски придонесува и во зачувувањето на културното наследство на Македонија. Со над 40-годишно искуство како советник конзерватор за мозаици во Конзерваторскиот центар во Скопје, тој одигра клучна улога во заштитата и зачувувањето на богатото уметничко наследство на Македонија, се вели во соопштението.

Драган Верговски во своето творештво вклучува различни уметнички правци од модерната и постмодерната ликовна уметност и прави нивно поврзување, при што не се држи строго до одреден правец туку интегрира повеќе од нив во изведбата на едно дело.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2024 15:09