Во рамки на Фестивалот за литература и општа култура „Видик“ синоќа во „Литература.мк“ во Скопје се одржа тематскиот настан „Враќањето на Шерлок Холмс“, преку кој се одбележа Меѓународниот ден на Шерлок Холмс. Исто така, беше претставена новата едиција „Шерлок Холмс“ во издание на „Арс Ламина“.
Едицијата содржи девет новопреведени наслови - „Студија во скарлетна боја“, „Знакот на четворката“, „Баскервилскиот пес“, „Долина на стравот“, „Авантурите на Шерлок Холмс“, „Мемоарите на Шерлок Холмс“, „Враќањето на Шерлок Холмс“, „Пред да падне завесата“ и „Архивата на Шерлок Холмс“.
Дизајнот на кориците е од илустраторката Александра Софрониеска. Таа на настанот посочи дека уживала во процесот на дизајнирање и оти големо е задоволството крајниот резултат да се види во печат.
– Тоа што сум долгогодишен фан на Шерлок ме натера посериозно да навлезам во проектот, а и повеќе да уживам во процесот на дизајнирање. Задоволството кога стигнавме крајниот резултат да го видиме во печат е уште поголемо. Драго ми е дека конечно имаме нов превод на целосната едиција на приказните со Шерлок Холмс, кои убаво спакувани се надевам дека ќе стигнат и до нова читателска публика. За мене, ова објавување значи многу и на лично и на професионално поле... За Шерлок Холмс и Артур Конан Дојл веројатно првпат има слушнато како дете, на часовите по англиски јазик. Потоа, полека ги откривав приказните, па старите серии и филмови, па потоа видеоигрите, па новите филмови итн. Сега најмногу ми се допаѓаат видеоигрите, рече Софрониеска.
Преведувачот Игор Котески, кој стои зад преводите на две книги од едицијата за возрасни и четири од изданијата за деца, на настанот рече дека за него преведувањето на книгите од едициите за Шерлок Холмс претставувал огромен предизвик поради раскошниот и виртуозен раскажувачки стил на Артур Конан Дојл како еден од најистакнатите автори во историјата на детективската литература.
-Преведувањето книжевни дела има многу заеднички особини со дедуктивниот метод на Шерлок, а заедничка ни е љубовта кон музиката и нејзината мистична моќ при одгатнувањето на загатките и мистериите. Покрај тоа, кај Шерлок особено ме привлекува речиси еднаквата застапеност на авантуристичкиот дух и летаргичните тенденции, рече Котески.
Во едицијата „Шерлок Холмс за деца“ се застапени насловите „Студија во скарлетна боја“, „Знакот на четворката“, „Синиот гранат“, „Марамата со точки“, „Сојузот на црвенокосите“, „Велепоседниците од Рајгејт“, „Поморската спогодба“, „Вампирот од Сасекс“, „Дамата со превез“ и „Тројцата студенти“. Познатите книги од авторот Артур Конан Дојл се адаптирани за помладата публика од страна на Стефани Бодет.
Уредничката на изданијата во превод на македонски јазик Надица Фирфова на настанот посочи дека овие книги се наменети, пред сè, за децата од училишна возраст, односно за млади читатели над осум години.
- Тука се работи за истите дела како оние за возрасната читателска публика и истите приказни, со истите ликови и дејство, но во скратена верзија и мајсторски изведена адаптација. Изданијата од едицијата „Шерлок Холмс за деца“ се богато илустрирани со цртежи што се во функција на текстот, што придонесува кон едно комплетно читателско доживување. Секоја книга има отпечатен т.н. „кју-ар“ (QR) код, за едноставен пристап до оригиналното англиско издание, но како аудиокнига, рече Фирфова.
Како што е најавено, програмата на фестивалот „Видик“ вечерва, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ ќе продолжи со изведба на монодрамата „Железно небо“ од стендап-комичарот Марјан Георгиевски. Тој ќе ја претстави и својата книга „Железно небо“, која е во издание на „Арс Ламина“.
Утре, во чест на Денот на сесловенските просветители „Светите Кирил и Методиј“ ќе се одржи „Џез на кирилица“, со македонскиот џез-состав „Мојра“. Групата настапува во состав на Јасна Трпкова, Дарко Јованов, Зоран Павлоски, Павел Ренџов и Петар Христов