Англискиот фудбалски прволигаш Вест Хем Јунајтед објави денеска дека го назначил поранешниот селектор на Шпанија, Хулен Лопетеги, за нов тренер.

„Мојата амбиција како тренер е секогаш да бидам подобар и подобар, да постигнувам повисоки цели и да ги охрабрувам и усовршувам играчите, тимот и да се натпреварувам, бидејќи фудбалот е токму тоа“, изјави Лопетеги, кој официјално ќе му се приклучи на Вест Хем на 1 јули.

Ова ќе биде втор пат за 57-годишниот тренер да биде на чело на клуб од Премиер лигата, откако го предводеше Вулверхемптон од ноември 2022 до август 2023 година.

Пред неговиот ангажман во Вулверхемптон, тој беше тренер на Севиља (2019-2022), со која играше во Лигата на шампионите и ја освои Лигата на Европа во 2019/20. Пред тоа беше тренер на Реал Мадрид (2018-2019), откако претходно две години беше селектор на шпанската репрезентација.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2024 16:45