Италијанскиот фудбалски гигант го назначи Тиаго Мота за нов тренер, објави денеска инсајдерот Фабрицио Романо.

Зад Јувентус е сезона во која клубот од Торино го освои Купот на Италија и обезбеди пласман во Лигата на шампионите, но четвртото место во Серија А, како и раната елиминација во европските купови не ги задоволи апетитите на челниците на Старата дама, кои одлучија да ја прекинат соработката со досегашниот тренер Масимилијано Алегри.

Мота сезонава ја предводеше Болоња до Лигата на шампионите и третото место во Серија А, освојувајќи идентичен број бодови со Јувентус со кој во последното коло одиграа 3:3. Тоа е историски резултат за Болоња, која нема настап во елитното европско клупско натпреварување од 1965 година, кога клубот од Емилија Ромања последен пат ја освои првата лига.

Мота е поранешен играч на ПСЖ, Барселона и Интер, кој тренерската кариера ја почна во Италија, за која настапуваше и како репрезентативец.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/05/2024 17:01