По пет сезони на чело на Милан, Стефано Пиоли повеќе нема да биде тренер на тимот. Утринава великанот од „Сан Сиро“ објави дека по последниот меч викендов против Салернитана ќе се раздели со стручњакот, кој имаше договор за уште една кампања. Останува да се види дали менторот е отпуштен или ќе си замине со заедничка согласност.

Се очекува местото на Пиоли да го наследи Пауло Фонсека кој моментално е во Лил.

Негов врв на чело на „росонерите“ беше освојување на шампионатот на Италија од сезоната 2021/22. Пиоли потоа беше избран за тренер на сезоната во Калчото. Под негово водство Милан се врати во Лигата на шампионите. Севкупно, тимот со Пиоли како тренер одигра 239 натпревари, од кои на 132 победи, на 55 ремизираше, а на останатите 52 загуби.

Според последните информации, „росонерите“ ќе потпишат 3-годишен договор со Фонсека. Договорот на португалскиот стручњак со „песовите“ истекува ова лето и тој нема да биде обновен и покрај големата желба на францускиот клуб.

Поранешниот тренер на Рома ја преферираше понудата на Милан пред таа на Марсеј, од каде му нудат амбициозен проект.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/05/2024 21:56