Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола вели дека е пријатно изненаден од нивото на перформанси и концентрација на неговите играчи во последните денови пред утрешното финале на ФА Купот. „Граѓаните“ ги чека решавачка пресметка против градскиот ривал, а евентуален успех ќе им гарантира втор последователен „дабл“. Тој потврди дека сите играчи освен Едерсон се на линија.

-Тоа е финале на ФА Купот, „Вембли“, сите наши навивачи патуваат во Лондон, последен натпревар од сезоната и последен напор. Сите патуваат. Импресиониран сум колку добро трениравме во последните неколку дена, играчите беа многу фокусирани, сите сакаат да бидат вклучени во натпреварот и сигурен сум дека ќе дадат се од себе. Но, ние одиме во Лондон да се претставиме добро и да го одбраниме трофејот, објасни шпанскиот стручњак.

Гвардиола истакна дека особено внимавал на ситуацијата околу Јунајтед и на тоа дека неговите играчи не треба да го потценуваат противникот поради неговата лоша кампања.

-Последниве неколку години работиме подобро од нив во Премиер лигата, особено оваа кампања и играчите го чувствуваат тоа. Јасно им кажав на играчите дека тоа е сосема поинаков тип на игра од првенството. Ние го почитуваме Јунајтед и нивната историја, но во последната деценија бевме подобриот тим. Ја почитувам работата на Тен Хаг во минатото, како и она што тој го направи во Јунајтед. Немаа целосен состав цела сезона, имаа многу повреди. Тоа му направи многу проблеми на менаџерот, прокоментира Гвардиола.



Автор: Администратор
Објавено на: 25/05/2024 04:10