Во малата сала на НУ Филхармонија вечерва ќе одржи концерт унгарскиот Сегед тромбон ансамбл во рамки на скопскиот Брас Фестивал, посветен на лимените дувачки инструменти.
Ова издание на фестивалот, четврто по ред, ќе се одржува во текот на целата година.
Како што најавија од Макбрас Асоцијацијата и скопскиот Брас фестивал, првиот настан ќе се одржи вечерва малата сала на НУ Филхармонија, а гости ќе бидат Сегед тромбон ансамбл од Унгарија, којшто е еден од најдобрите ансамбли, но и единствен по својот состав (октет тромбони).
Раководител и основач на овој состав е Ѓирѓи Гивиксан, професор по тромбон на музичката академија „Франц Лист“ во Будимпешта, солист и еден од најдобрите тромбонисти на денешницата. Нашата публика го памети од солистичкиот настап на фестивалот во 2022 година, а овој пат публиката ќе го види заедно со уште 7 тромбони. Интересно е што поголемиот дел од членовите на ансамблот се некогашни негови студенти од факултетот за музика во Сегед. Програмата за нивниот настап останува тајна, што е карактеристично за овој состав.
Професорот Гивиксан изјави дека тоа е пристапот на ансамблот кон публиката. -Верувам дека концертната програма и нејзината изведба секогаш зависи од самите изведувачи. Ве уверуваме дека програмата е убава за слушање, а ние ќе дадеме се од себе да уживате. Дојдете и ветуваме дека ќе ве изненадиме позитивно, вели тој.
Покрај концертот, во соработка со Факултетот за музичка уметност во Скопје, членовите на ансамблот ќе одржат семинар, а студентите и професионалните „брас“ музичари ќе имаат можност да научат повеќе за техниките на свирење тромбон, соопштија организаторите.
Ова издание на фестивалот ќе биде распоредено во текот на целата година, а во план се уште еден концерт и семинари по труба, хорна и тромбон со познати музичари од регионот и пошироко, чии информации ќе бидат објавени на фб - страната на Скопски Брас Фестивал.
Настанот е поддржан од Министерство за култура, во партнерство со германската компанија за производство на инструменти „Buffet Crampon“.
Влезот на настанот е слободен.