Нема повеќе дилеми. Нов тренер на Челси ќе биде Италијанецот Енцо Мареска. Двете страни постигнаа договор, кој ќе биде потпишан на пет години, со опција за продолжување на уште една година.
За Мареска ова ќе биде трета самостојна работа во кариерата. Во неодамна завршената сезона го предводеше Лестер, кој успеа да го врати во Премиер лигата. Тој претходно работеше како асистент во Манчестер Сити, каде ја започна својата тренерска кариера во резервниот тим во 2020 година. Помеѓу, кратко ја водеше Парма.
Италијанецот, кој меѓу другите во богатата играчка кариера настапуваше за Јувентус, Фиорентина, Севиља, Олимпијакос, Сампдорија, Палермо, ја продолжува линијата тренери од таа земја кои работеа на „Стемфорд Бриџ“. Ја започна Џанлука Вијали во 1998 година, а продолжи Клаудио Раниери, Карло Анчелоти, Роберто ди Матео, кој ја освои првата титула европски првак, Антонио Конте и Маурицио Сари.