Германскиот фудбалски клуб Борусија Дортмунд е подготвен да ја прекине победничката серија на Реал Мадрид во финалето на Лигата на шампионите во пресметката за трофејот на „Вембли“ во сабота, изјави тренерот на Дортмунд, Един Терзиќ.
Реал ги освои сите осум финалиња во кои се појави откако Лигата на шампионите го замени Европскиот куп во 1992 година. Тие исто така освоија пет титули во Лигата на шампионите во последните 10 сезони и имаат вкупно 14 европски круни.
Терзиќ рече дека победничките серии секогаш завршуваат, но Дортмунд мора да настапи на највисоко ниво.
-Мораме да имаме верба дека можеме да постигнеме големи работи, рече Терзиќ на прес-конференција.
Дортмунд ја освои титулата во 1997 година и повторно стигна до финалето во 2013 година, губејќи од Баерн Минхен во целосно германски натпревар.
-Ако сакате да ја освоите Лигата на шампионите, треба да ги победите шампионите. Сега се соочуваме со апсолутните шампиони. Тие го освоија овој турнир 14 пати, го освоија пет пати во последните 10 години. Но, ова е еден меч и се може да се случи. Осум финалиња во Лигата на шампионите и никогаш не изгубиле. Но, она што е важно не е што се случило во претходните осум. Сè што е важно е следното. Време е да се прекине оваа серија, изјави Един Терзиќ.
Дортмунд оваа сезона заврши на петтото место во Бундеслигата, со што обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона. Тие беа кандидати за титулата во Германија минатата сезона, но го пропуштија трофејот во Бундеслигата во последното коло во 2023 година.